Ателје АсимиАна – Кога филигранот станува личен израз
Сподели
Филигранската уметност отсекогаш била симбол на прецизност, трпение и тивка убавина. Денес, таа продолжува да живее преку нови генерации креатори кои ѝ даваат свој личен израз и свежа перспектива.
Ателје АсимиАна е токму таква приказна, млада, искрена и полна со страст. Зад брендот стои креаторка која уште од тинејџерски години го открива светот на филигранот и го претвора во простор за личен израз и креативност. Инспирирана од секојдневието, природата и малите детали што често остануваат незабележани, таа создава накит што носи емоција и автентичност.
Во ова интервју разговараме со Ана Спиркоска, креаторката зад Ателје АсимиАна за нејзиниот почеток, инспирацијата, предизвиците и љубовта кон овој деликатен занает.
Како започна твојата приказна со филигранскиот накит?
Мојата приказна со накитот, општо, започна кога бев шесто одделение. Неколку години експериментирав со различни материјали, воглавно тоа ми беше хоби, до моментот кога мајка ми ми кажа за техниката филигран, што беше кога имав околу 14 години. Тогаш кај мене се појави желба да научам како се изработува накит со токму таа техника, а кога имав 16 години, поминав обука за изработка на филигрански накит од сребро. Оттогаш си креирам накит со огромна љубов, се развивам и ги дополнувам своите знаења.
Колку време работиш како креатор на накит и каде израсна твојата страст за ова?
Како креатор на филигрански накит се занимавам од октомври 2025 година, така што сум прилично ново име во оваа област. Во претходното прашање кажав дека мајка ми ми ја посочи оваа техника, па веднаш откако дознав што е всушност филигранот, почнав да го забележувам сè повеќе и повеќе на интернет и на излози, воодушевувајќи се од нежноста и уникатноста. Јас лично, сум љубител на активности кои што бараат внимание и трпение, па затоа веднаш се приврзав за оваа техника.
. 
Што значи за тебе лично филигранската техника?
Филигранската техника е една приказна сама по себе. Секое парче накит всушност е рефлексија на нечија душа - на она што нè прави среќни, тажни, тоа е она што ни остава впечаток од познатото секојдневие. Филигранската техника, кратко кажано, за мене е простор за изразување. Простор каде со секој милиметар сребро можам да се искажам и изразам баш онака како што сакам. Без предрасуди, очекувања и без осудување.
Како би ја опишала твојата колекција накит со неколку зборови?
Колекцијата накит која што сум ја создала досега, би ја опишала како единствена и слободна. Единствена бидејќи на почетокот најголем проблем ми претставуваше оригиналноста, односно прашањето како ќе успеам да создадам нешто ново во свет во кој веќе сè постои. Додека пак, колекцијата би ја опишала како слободна бидејќи мојот ум имаше слобода да шета, да пребарува и да создава што и да му текне, без да се ограничам поставувајќи тема. Сепак, во иднина би сакала да создадам посебна колекција која ќе биде фокусирана на една тема, зошто да не.
Што најмногу те инспирира кога дизајнираш нови парчиња?
Корените на мојата инспирација длабоко продираат во она секојдневното и заборавеното. Она што ни е пред очи секој ден, а сепак не го забележуваме. Кога ми е досадно, сакам да погледнам околу себе со надеж дека нешто ново ќе ми падне в очи. Јас не го дизајнирам накитот – тој веќе бил дизајниран долго пред да постојам. Јас сум само таа што формите од природата ги преточува во парчиња накит.
Како функционира процесот на изработка на едно парче накит?
Процесот на изработка не е краток, но за мене е особено забавен. Можам да кажам дека бара огромна концентрација и внимание, бидејќи во секој дел од процесот нешто може да тргне наопаку, особено имајќи предвид дека се работи за прецизна работа. Важно е да го препознаеш моментот кога губиш фокус, да престанеш и да се вратиш со свежа концентрација. Инаку, процесот опфаќа мерење, сечење, лепење, чистење, оформување, полирање и многу други чекори. Тоа само докажува колку време и посветеност влегуваат во едно парче накит.
. 
Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваш како креатор?
Како креатор на накит, а истовремено ученичка во средно училиште, најголем проблем ми е недостигот на време, особено кога е во прашање креирањето на видеа и слики за да ја промовирам својата работа. Покрај тоа што сум насобрала стотици интереси и вештини во животот, никогаш не сум научила како да ги привлечам потенцијалните купувачи, но се надевам дека овој знает ќе ме научи и на тоа.
Каков е твојот прв впечаток од тоа да бидеш дел од Vividoshop?
Искрено, кога дознав за Vividoshop бев пријатно изненадена од идејата за платформа која ги обединува сите креатори на ракотворби, па знаев дека сакам да станам дел од сето тоа. Затоа, мило ми е што сум дел од оваа платформа и се надевам дека ќе го добие вниманието кое го заслужува.
Што ти значи кога некој носи парче од твојот накит?
Кога некој носи парче од мојот накит сум неверојатно среќна и исполнета. Тоа е посебно чувство, кое мислам дека оние кои не се занимаваат со ваква работа не можат целосно да го сфатат. Фактот дека некој ме избрал мене и одлучил да поддржи мал бизнис со големи соништа ми ја топли душата.
Какви се твоите планови и цели за иднината на Ателје АсимиАна?
Во иднина би сакала да се надоградувам и да учам, било во областа на филигранот или некоја друга техника. Овој занает ме привлекува и би сакала секогаш да е дел од моето секојдневие. Но, секако, на прво место ми е да се стекнам со високо образование. Како што кажав претходно, имам бројни интереси и на еден од нив би сакала професионално да се посветам, додека изработката на накит ќе ми биде паралелна дејност.
Дали сакаш да споделиш некоја порака до твоите потенцијални купувачи/поддржувачи?
Би сакала да ги поканам сите љубители на рачната изработка да ме следат и да станат дел од моето патешествие. Ателје АсимиАна не е само бренд, тоа е семејство љубители на филигранот, место каде секој може да праша, да каже и да искоментира. Вашата поддршка, било да ме заследите, да споделите моја објава или да станете мој клиент ми значи повеќе одошто можете да замислите, бидејќи сум тинејџерка со големи соништа во поле кое сѐ повеќе се заборава.
Ателје АсимиАна е доказ дека страста и љубопитноста можат да прераснат во нешто навистина вредно, дури и на самиот почеток од креативниот пат. Со секое ново парче, оваа млада креаторка не само што ја негува филигранската традиција, туку ѝ дава и своја, современа приказна.
Нејзиниот накит не е само украс, тоа е личен израз, момент на инспирација и дел од нечија приказна. А токму таа искреност и енергија се она што го прави брендот посебен.
Доколку сакате да поддржите млади креатори и да носите нешто уникатно, креациите на Ателје АсимиАна можете да ги откриете на Vividoshop.