Приказна вплетена во златен и сребрен конец - Ефимија Филигран
Сподели
Постојат занаети кои бараат посветеност, трпение и вистинска љубов кон деталот. Филигранот е токму еден од нив – уметност на фино испреплетени линии, светлина и симболика, која со векови ја носи традицијата на рачната изработка.
Брендот Ефимија Филигран ја продолжува оваа традиција преку уникатни дела создадени со златен и сребрен срмен конец. Зад секој мотив стои внимателно осмислен дизајн, истражување на орнаменти и порака што го надминува самиот предмет.
Во ова интервју разговараме со Ана Обедниковска, креаторката зад Ефимија Филигран за нејзиниот креативен процес, инспирацијата зад мотивите и значењето на авторската ракотворба во современиот свет.
Како започна твојата приказна со филигранската техника и срмениот конец?
Како хонорарна привремена работа, но се претвори во страст.
Што те привлече кај работата со златен и сребрен срмен конец?
Ме привлече процесот на дизајнирање. Како од една контура може да се најдат многу различни решенија. Исто, истражувањето при осмислување на дизајнот, концептот и пораката која ќе ја пренесе дизајнот.
Колку време се занимаваш со оваа техника?
Се занимавам веќе 9 години.
Филигранската техника бара време и трпение. Како изгледа процесот на создавање едно дело, од идеја до финална изработка?
Повеќе би рекла дека бара посветеност. Најзначајниот дел е да се дојде до добар дизајн. Оваа фаза може да трае од неколку дена, па до неколку месеци. Интересно е што никогаш не можете да го исцртате. Ја имате само контурата и потоа следи истражување на орнаменти и различни уметнички стилови. Тогаш доаѓаме до дизајнот, кој понатаму со изработката се прочистува и се финишира во оној момент кога веќе не сакате, или немате потреба да измените ништо.
Колку време во просек е потребно за изработка на едно парче?
Зависи од сложеноста на мотивот, може од 1 час до, буквално, 18 часа.
Како успеваш да го задржиш балансот помеѓу традиционалната техника и современиот авторски израз?
Ги задржавме традиционалните елементи на филигранот, а преку дизајнот ја даваме новата перспектива на традиционалните мотиви.
Велите дека не произведувате сериски предмети. Што значи за вас „авторска ракотворба“?
Авторска ракотворба е кога знаете што значи дизајнот на мотивот. Знаете која е функцијата на секој негов елемент и можете да го разиграте без да ја нарушите неговата складност.
Иако еден мотив се изработува во повеќе примероци, тој никогаш не се копира. Секој примерок има своја уникатност.

Како ја дефинирате автентичноста во вашата работа?
Авторство.
Што сакате луѓето да почувствуваат кога поседуваат едно ваше дело?
Да ја почувствуваат пораката која ја носи мотивот.
Најчесто нашите мотиви носат порака за емпатија, заедништво, љубовта, радост, мудрост.
Сакаме секогаш кога ќе го погледнат да ја почувствуваат и да се навратат на тие моменти, било тоа да е љубовта, детската радост, љубезноста која ја добиле или ја дариле. Да ги навратиме на суштината на човечкиот живот, а тоа е дека сме тука и сега и можеме да бидеме нечија љубов, нечија радост, нечиј ангел….
Кој најчесто ги избира вашите ракотворби? (За какви прилики се наменети?)
Луѓе кои ги ценат трудот и вниманието вложени во делото. Сакаат нешто што е долготрајно и уникатно.
Нашата уметност е наменета за секоја прилика кога сакате некому да му покажете дека го почитувате и го сакате.
Кој е најголемиот предизвик во зачувување и развивање на ваков традиционален занает денес?
Одржување на квалитетот и авторските дела. Материјалите се сѐ пооскудни и тешко достапни.
Недостигаат курсеви кои би понудиле соодветна обука за техниката.
И секогаш е добро да се има поголема поддршка од локалното население.
. 
Каков е вашиот прв впечаток од тоа да бидете дел од Vividoshop?
Професионално. Огромна поддршка за ракотворците и одлични услови за соработка. Навистина недостасуваше ваква платформа.
Што значи за вас присуството на платформа што ги поддржува ракотворбите и малите креатори?
Олеснување. Поголема видливост. И пристап до клиенти кои ги сакаат и ценат ракотворбите.
Кои се вашите планови за понатамошен развој на Ефимија Филигран?
Раст и одржување на квалитетот. Ќе се обидеме да останеме автентични во секој поглед.
Која порака би сакале да ја упатите до луѓето што ја ценат рачната изработка и традиционалните техники?
Благодарам за вашата поддршка и љубов.
Ако вашата ракотворба беше реченица, што би кажала?
Игра со светлината.
Ефимија Филигран не е само занает, туку уметност што ја слави традицијата и ја претвора во современ израз. Секој мотив е внимателно осмислен, секое парче носи своја уникатност, а секоја линија од срмениот конец ја раскажува својата приказна.
Во свет што често заборава на вредноста на рачната изработка, ваквите дела потсетуваат дека вистинската убавина се создава со трпение, знаење и љубов кон деталот.
Сите ракотворби од Ефимија Филигран можете да ги откриете во нивната онлајн продавница на Vividoshop, каде традицијата и современиот дизајн се среќаваат во уникатни авторски парчиња.