Традиција што живее: 40 години љубов кон дрворезбата во Зингибер Ателије
Сподели
Постојат приказни што не започнуваат со бизнис план, туку со наследство, вера и длабока поврзаност со традицијата. Зингибер Ателје е токму таква приказна – семејна, искрена и создадена низ децении посветеност кон дрворезбата. Со корени што се протегаат повеќе од 40 години наназад, ова ателје не е само место каде се создаваат дела од дрво, туку простор каде занаетот станува уметност, а уметноста – духовен израз.
Во ова интервју разговараме со семејството Милеви за нивниот пат, значењето на традицијата, процесот на создавање и љубовта што ја вложуваат во секое парче.
Како започна приказната на Зингибер Ателје и што значи за вас традицијата долга повеќе од 40 години?
Приказната на Зингибер започна многу поодамна уште пред официјалното отворање на ателјето. Таа започна уште во детството на резбар Марјан , роден во 1964 година, по татко од Кавадарци и мајка од Лазорополе. Уште од најрано детство малиот Марјан му помагал на татка си при изработка на многу предмети од дрво – плакари , шифоњери, столчиња , маси итн.. Од страната на мајка му , според кажувањата од постарите луѓе во Лазарополе, негов дедо е Ѓурчин Кокале (1775 – 1863 г) , еден од првите македонски преродбеници и општественици. Тој ја создал првата школа во 1861 година каде што сите од Лазарополе се школувале. Бил кнез и заштитник на христијаните, а голема негова заслуга е што голем број исламизирани христијани, пак им ја вратил христовата вера. Меѓу другото го помагал и сликарството. Според кажувањата на постарите и други од предците на Марјан, се занимавале со фрескоживопис и резба во дрво. Марјан раскажува дека татко му бил меѓу првите столари во Кавадарци и дека тој уште како дете знаел да работи со глета и со машини што значи дека повеќе од 40 години дрвото е дел од секојдневениот живот на фамилија Милеви – прво како занает, а потоа како уметност и духовен повик.
Првиот негов допир со резбата бил некаде во 1990 година, кога се реставрирал манастирот Св. Спас над Кавадарци. Кога побарал да си купи икона за здравје среќа и бериќет во неговиот дом, од манастирот му побарале пари кои во тој момент ги немал. Тогаш нацртал лик на Исус Христос на дрво како икона и го подарил во Манастирот.
Во периодот пред да почне да резбари Марјан имал некои, како што слушнал од постарите, виденија со лик на светец со бела брада. Светецот му зборувал додека тој лежи во некој храм, на под од делкани и наредени камења. Најпрвин му зборувал полека, а потоа се погласно и погласно до моментот кога му вика и тој се буди. Сето ова се случувало од 23:00 до 01:00 часот по полноќ речиси секој ден, во период од една до две години. Според кажувањата на постарите ќе однесел масло, маица, крпа, некое дарче во црква.. Но, сонот секогаш се повторувал..
Во тоа време Марјан како инженер за заштита од пожари и стручно лице за безбедност при работа, работел во винарска визба Тиквеш. Во тие рани 90ти години, од минатиот век како и денес за Водици се организирало фрлање на крстот во градскиот базен. На 11 јануари, додека бил на работа, од директорот побарал да си оди дома. Тргнал накај дома и кога влегол во неговиот дом го видел попот од црквата Св. Димитрија од Кавадарци како ја држи насликана иконата во раце планирана за Св. Спас и прашува кој ја направил. Попот го прашал дали може да направи дрвен крст што ќе се фрла во базенот, Марјан потврдил и одговорил дека не знае како изгледа крстот. Секој ден поминувал покрај црквата но не знаел точно како изгледа крстот, некои се прави, други заоблени, има разлика меѓу православен и католички крст. Дотогаш не бил некој верник, не одел во црква, дури ниту со сопствената жена Мина не биле венчани во црква. Побарал да види како изгледа крстот па потоа попот го однел во црква и му покажал крст од гипс со ликот на Исус Христос. Кога Марјан се вратил на работа побарал од директорот да му даде слободни денови но не му кажал зошто бидејќи му било срам. Слободните денови биле одобрени и тој почнал со подготовката за изработка на крстот за Св Димитрија. Од почетокот до крајот на изработката му биле потребни три дена и три ноќи. Воопшто не спиел, што до денес не може да ја објасни таа внатрешна сила.
Со три глета го изработил крстот и ноќта кога според обичаите се осветува, го однел во црква. Сонот што го измачувал подолго време конечно исчезнал, а тој станал верник со чисто срце и полн со вера, љубов и надеж, но и со голема благодарност што е жив и здрав. Вечерта Марјан спиел мирно.
“Имам таква сила во мене што многумина мислат дека сум наивен. Наивноста нема врска со добрината. Сфатив дека целта не е дали си религиозен..Далеку од тоа, сите одиме во црква и се прекрстуваме.. Важно е да имаш верба, да веруваш во нешто дека те чува. Тоа е многу убаво чувство. Затоа и почнав да резбарам. Едноставно само ќе удрам во дрвото и додека резбарам си ја кажувам молитвата, не ни гледам што правам. Луѓето не ми веруваат. Едноставно не гледам, не можам да им објаснам дека не гледам, само ме води некоја сила” – вели Марјан. Оттогаш тој се потрудил да го изрезбари ликот на Исус Христос и успеал, тоа е неговата прва икона.
Еден ден дошол дедото на боксерот Аце Русевски и му ја нарачал Тајната вечера. Марјан кој дотогаш имал направено само плитка резба на Исус Христос, се соочил со голем предизвик, наречен Тајната вечера. Марјан вели, како млад брачен пар што немале пари, им било потребно граѓа за другите столарски работи. Дедото на Аце рекол дека нема проблем за граѓа – ќе ја набавел тој. За два месеца ја донел, иако биле договорени за два кубика, тој донел шест, а во замена си ја добил својата резбана икона - Тајната вечера.

По безброј случки, се ределе многу други нарачки и други резби. Најбројни биле иконите, кои Марјан ги работел во еден здив. Тоа биле најчесто подароци за пријатели и блиски познаници, христијани, кои веруваат дека иконата, односно светецот ќе им биде чувар за среќа, здравје и бериќет во домовите. Според Марјан, подарувањето икони на луѓе им помага да си го најдат душевниот мир и благослов, а со тоа и тој самиот станува душевно побогат и среќен, бидејќи добива нови пријатели. Ако му подариш нешто на човек и знаеш дека е среќен поради тоа, нели е убаво?
Инспирацијата и желбата за резба во дрво продолжуваат, а овде се вклучува и неговата сопруга Мина. И Мина научила да резбари и во плитката резба веќе го надминала учителот. Двајцата се пресреќни што се заедно во сето ова, а занаетот полека го пренесуваат на своите деца. Семејството копаничари го сочинуваат Марјан, Мина и децата Ангела и Горан. Разговарале за аномалиите при организацијата, спроведувањето и имплементирањето на нашата традиција преку обичаите, занаетите со специфични карактеристики, начинот на живеење и разбирањето на животот. Се појавила една искра надеж, која се пренасочила во една хармонија и организирање на дејности. На таа иницијатива горниот дел од куќата е приспособен и направен е простор за изложување на делата изработени сите овие години за кои никогаш досега не биле изложени а всушност биле затрупани во прашина.
Зингибер како простор се родил во време на Ковид пандемијата, кога од еден запоставен таван создадиле место полно со светлина, традиција и надеж. За нив традицијата не е само наследство, таа е одговорност да ја чуваме и пренесуваме понатаму. 5 години откако официјално е отворено ателјето за изложба и резба. Семејството често добивало прашања и коментари од типот „Навистина е штета колку малку сме запознаени што се имаме во нашата држава“, па тие одлучиле малку повеќе да не доближат до нивната приказна.
Раскажуваат Марјан и Мина: Како горди родители на две деца Ангела и Горан, отсекогаш ни велеа:
„Зошто не се промовирате со вашиот талент да би виделе луѓето што се правите од парче дрво? Ова е навистина извонредно!“ Па на тоа им одговаравме со „Вие сте помлади и понастроени кон технологијата, па тој дел го оставаме на вас.“ За жал промоцијата никогаш не се случи додека еден ден не запре цел свет. Се случи Ковид Пандемија. Дел од луѓето изгубија свои блиски, дел останаа без работа и парче леб, без трошка надеж вклучувајќи не и нас. Во тој период се забележав седејќи на полускршен стол со прашина во простор „игри без граници“, тажен и безнадежен, загледан во некоја точка, размислувајќи што се можеше да биде од овој простор каде што одвај имаше место за тој полускршен стол – раскажува Марјан. Тој простор „игри без граници“ беше поткровје без кров а сепак внимаваш да не ти падне некој предмет над глава бидејќи таму се чуваа работи за „ќе се најде за нешто,“ знаете, сите имаме некое такво катче каде се чуваат непотребни работи со надеж дека ќе се употребат некогаш а всушност никогаш. Таков замислен со капка солза на мојот образ ме фати мојата ќерка Ангела, ме допре со раката за рамо и изусти реченица која често и ја споделував а сум ја заборавил, а таа гласни: „Кога вербата колку едно зрно просо ти дава огромна сила можеш да поместиш и планина!“ Тоа беше тоа! Тоа беше моментот! Тоа беше надежта!
Утредента со мојата сопруга бевме излезени надвор од Кавадарци, кога се вративме што да видиме! Нашата ќерка започнала со расчистување на просторот и не пречека со насмевка која вроди таков жар па сите заедно се фативме за работа, мечтаејќи дека еден ден пандемијата ќе запре а Зингибер ќе стане семејна приказна со традиција и катче за сите нас! Ќе доаѓаат луѓе од Македонија и од различни делови на светот и ќе се имплементира нашата традиција преку обичаите, ќе бидат запознаени со традицијата на македонската резба на посебен и уникатен начин, ќе ја слушнат приказната за почетоците и ќе ги видат уникатните дела што се направени овде а воедно ќе пробат и самите да изрезбарат нивен значаен мотив. Ќе можат да дегустираат и специјалитети од еколошко и домашно производство карактеристични за Тиквешки Регион, на мојата сопруга Мина. И така во рок од 4 месечна работа со тим од кругот на фамилијата, во месец август на 40+ С, без ден пауза, успеавме да направиме прво ателје од ваков карактер на Балканот! Ова ни беше првобитна замисла а денес може да се пофалиме со многу задоволни лица и среќни насмевки и посетеност на нашето катче преку 1000 гости од различни делови на светот! Ве охрабруваме никогаш да не губете надеж и секогаш да ги следете вашите соништа бидејќи вербата колку едно зрно просо дава огромна сила!

Како се пренесува занаетот низ генерациите во вашето семејство?
Кај нас занаетот не се учи само со зборови, туку со гледање, со допир и со трпение. Од дедо на татко, од татко на син. Како што напоменав, ние сме самоуки, мојата сопруга си го има тој уметнички ген во себе од таткото и од чичкото. Од чичко и Иван Сулев, на времето Тито земал слики. Од капка вода правел ликови! Мина има толку многу осет да даде живост на делото што веќе и ме надмина. Многу сум горд што и таа го засака овој занает и што сме заедно во сето ова.
Најважно е што не ги учиме само техниките, туку и почитта кон материјалот, кон традицијата и кон трудот - Вели Марјан.
Полека, полека, уметноста им ја пренесуваат и на децата. Се надеваат дека еден ден ќе бидат достојни наследници на резбата што ја создаваат и што сакаат да ја остават во наследство на своето поколение.

Во време кога рачната резба станува сè поретка, што ве мотивира да продолжите со истата посветеност?
Според Марјан, дрворезот е душата на тој што го работи и е повеќе уметност, отколку занает, а мотивот е внатрешниот мир за да се продолжи.
„Занаетчијата гледа само да го задоволи муштеријата и да му го продаде тоа што го направил. Гледајќи се себеси, многу тешко се одделувам од моите дела, бидејќи во секое од нив е внесен и еден дел од мојата душа“.
Низ 40-годишното искуство со резба, Марјан стекнал и квалитет и брзина, но како што вели, во ова време на модерен начин на живеење, човек не може да се потпре само на резбата како уметност за да остане.
„Како занаетчија имам нарачки и правам за едни, за други... Тоа е занаетчиство. Резбата ми дава мир. Додека резбарам цело време си ја кажувам молитвата и се исклучувам од сè друго. Ја внесувам мојата душа во сето тоа. Ме одмора, исполнува и ми дава живот. Тоа е уметност. Не може резбата да биде занает.“
Велите дека „дрвото зборува“. Што значи тоа за вас како занаетчии?
Секое парче дрво има своја структура, влакно и карактер. Колку повеќе сте трпеливи со него толку повеќе сте соживеани со неговата душа. Кога ќе го земеш во рака, гледаш каде сака да те води. Ако го слушаш, ќе ти каже колку можеш да навлезеш во длабочина, каде ќе се отвори, а каде ќе пукне. Ние не го победуваме дрвото, ние соработуваме со него.
Како го избирате дрвото и зошто процесот на сушење и подготовка е толку важен?
Најчесто работиме со ореово дрво поради неговата цврстина и трајност. Но користиме и јавор, круша, бука. Дрвото мора природно да се суши со години. Ако не е добро исушено, со време ќе се искриви или распука. Подготовката е половина од делото – лепење, обликување, стабилизирање. Без добра основа нема квалитетна резба.
Што е најголемиот предизвик кога работите со природен материјал како дрвото?
Предизвикот е непредвидливоста. Машината работи исто секогаш, но дрвото не. Секое влакно е различно. Потребни се концентрација, чувство и најмногу од се трпение и љубов према дрвото.
Како изгледа процесот од едно обично парче дрво до финален сувенир?
Прво се избира и претходно се подготвува дрвото низ сите процеси како и негово сушење и заштита. Потоа следи цртањето на веќе избраниот мотив – ако не знаеш да црташ, не можеш да резбариш. Се почнува од најиспакнатиот дел на мотивот. Потоа постепено се навлегува во длабочина, два милиметри по два милиметри со помошни алати - длета - од површина до пластичност. Се работи слој по слој. На крај се шмиргла, се лакира или се заштитува со природни премази. За на крај да од парче дрво се роди приказна.
Колку време е потребно за изработка на покомплексно дело како иконостас или винска куќа?
Зависи од димензиите и деталите. Иконостас може да се работи со месеци, дури и година. Потребна е голема длабочина и симетрија со преку над 400 мотиви. Винските сталажи и куќите се пократки проекти, но бараат прецизност и конструкциска стабилност.
Кој дел од процесот ви носи најмногу задоволство?
Моментот кога од рамна површина на дрвото ќе се појави лик со израз и длабочина како во 3Д. Кога делото „ќе почне да дише“. А уште посреќни сме кога вакво дело ќе заврши во вистинските раце на човек со големо срце кој ја цени макотрпната работа и автентичноста на една нашта стара традиција што е веќе во изумирање.
Кои производи се најбарани, сувенири, икони, вински сталажи или персонализирани подароци?
Најбарани се иконите и персонализираните подароци ( матарка за ракија, кутијка за вино, сталажа за читање книга и чаша чај, сталажа за вина, пепељари за пури со постава за чаша виски и сл.) , особено за специјални настани, свадби и јубилеи. Голем интерес има и за винските сувенири, особено поради традицијата на Тиквешкиот регион.

Колку е важна персонализацијата за клиентите денес?
Многу важна. Луѓето сакаат нешто што има лично значење – име, датум, симбол. Тоа го прави делото непроценливо.
Кое најемотивно или најнеобично барање сте го реализирале досега?
За круна на досегашната работа Марјан ја смета изработката на дел од иконостасот на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Лазарополе, а тоа се царските двери и порталот над нив.
„Некако исконски е човек да го привлекува местото од каде што потекнува…“ Вели Марјан.
На празникот Илинден во 2011 година семејството Милеви отишле во Лазарополе, на гости кај роднини. Ја посетиле и црквата „Св. Ѓорѓија“, во која ќерката Ангела се сликала пред царските двери и на повеќе други места. По две години, во 2013 година, се случува големиот грабеж и опустошувањето на црквата, како дел од серијата кражби по светите храмови низ цела Македонија.
„Ги украдоа царските двери, највредните икони од Дичо Зограф... Внатре кршеле тронови, нозе, столчиња... што ќе стигнеле. Сè искршиле и испокрале. Одам следната година и кога што ќе видам – црквата празна и опустошена. Др. Блаже Смилевски ме праша дали можам да го направам горниот дел од иконостасот, каков било. Му одговорив дека ќе го направaм ист таков каков што беше.“
Иако резбата била многу длабока, Марјан ја пронашол сликата со Ангела од пред неколку години, ја зумирал, испечатил и направил репродукција на делот од иконостасот што недостигал. Од годинава тој е и наместен во црквата заедно со царските двери. За кои имате прилика да ги видите ако ја посетите црквата во Лазарополе.
*За делото што сака да го направи, а не го направил досега, Марјан вели:
„Има многу такви работи. Велат дека сè додека човек има желба да направи нешто што му е при срце, а не го направил, сè дотогаш ќе живее. Имам толку многу дела за правење, што не знам дали ќе ми биде доволен овој живот.“
Што според вас го прави еден дрвен сувенир вистински „траен спомен“?
Љубовта вложена во него. Дрвото трае со векови, но чувството што го носи е тоа што го прави вечен.
Како ја опишувате филозофијата на Зингибер Ателје во една реченица?
Од парче дрво создаваме дело со душа, кое носи традиција, вера и љубов.
Што сакате луѓето да почувствуваат кога ќе го допрат или постават во домот едно ваше дело?
Мир, топлина и чувство дека држат нешто вистинско и искрено направено со рачна изработка полна љубов.
Како ја гледате улогата на рачниот занает во денешниот модерен свет?
Во време на масовно производство, рачната изработка е луксуз и вредност. Таа потсетува дека човекот, а не машината, создава приказна.
Какво е вашето првично искуство како дел од Vividoshop платформата?
Соработката ни овозможува нашата приказна да стигне до поширока публика и да допре до луѓе кои ја ценат автентичноста. Благодарни сме на Маја Трајкова, девојка полна со харизма, прониклива и вредна која е двигател на платформата Vividoshop за поддршка на мали локални семејни бизниси како нас. Потрошувачите треба да се горди на себе кога поддржуваат дело направено од малите локални занаетчии.
Што ви значи тоа што вашите дела се достапни на поширока публика?
Тоа значи дека македонската традиција патува низ светот и дека дел од нашата душа се споделува со други култури. Македонскиот народ е подготвен да го прими секој што сака да биде дел од неговата приказна.
Кои се плановите за иднината на Зингибер Ателје?
Нашата визија за иднината е Зингибер да продолжи да расте како место каде традицијата не само што се изложува, туку и активно се пренесува. Покрај создавање нови дела и воведување оригинални дизајни, планираме да го развиваме ателјето како културно и едукативно катче.
Еден од нашите најголеми планови е отворање мало школо за деца од 6 до 12 години, каде ќе ги запознаеме со основите на резбата – како се држи алатот, како се почитува дрвото, како од една линија се создава форма. Секако, програмата ќе биде прилагодена на нивната возраст и безбедноста ќе биде на прво место.
Целта не е само да научат техника, туку да развијат трпение, концентрација, креативност и љубов кон рачниот труд. На крајот од програмата, секое дете ќе добие сертификат за учество – како симбол дека станало дел од приказната на Зингибер и чувар на една традиција.
Веруваме дека ако љубовта кон занаетот се всади уште во детството, таа може да трае цел живот.

Кој совет би им го дале на младите кои сакаат да го продолжат занаетчиството?
Ве охрабруваме никогаш да не губете надеж и секогаш да ги следете вашите соништа бидејќи вербата колку едно зрно просо дава огромна сила! И не заборавајте, вие сте мозаикот со секое едно неопходно делче во него! Секогаш најдете си свое ваше хоби, место каде ќе уживате во тоа што го работите и да, никогаш немојте да си ги продавате вашите први дела!
Ако вашата резба беше чувство, кое би било и зошто?
Би била вера. Затоа што од неа почнува сè – и трудот, и надежта, и љубовта вложена во секое парче дрво.
Зингибер Ателје е повеќе од занает – тоа е животна филозофија, приказна за истрајност, семејна поврзаност и вера во она што го создаваш. Секое дело што произлегува од нивните раце носи дел од нивната душа, но и дел од македонската традиција што тие ја негуваат и пренесуваат понатаму.
Во време кога рачната изработка станува сè поретка, ваквите приказни потсетуваат дека вистинската вредност се крие во трпението, љубовта и искреноста. Зингибер не создава само предмети – туку трајни спомени, врска со корените и инспирација за идните генерации.
Дел од нивните производи може да ги пронајдете на нивната онлајан продавница на www.vividoshop.com