"Pleteni Prikazni” and “Darovi od prirodata” – Handcrafted Creations Inspired by the Silence of the Forest and Tradition

„Плетени приказни“ и „Дарови од природата“ – ракотворство инспирирано од тишината на шумата и традицијата

Во светот на брзите промени и масовното производство, „Плетени приказни“ и  „Дарови од природата“ нуди повраток кон едноставноста, природата и вниманието кон деталот. Овој бренд е создаден од љубов кон рачната работа, природата и традицијата, и секој производ носи своја уникатна приказна. Со секој конец, секоја плетка и секој природен елемент, се раскажува приказна за едноставниот, свесен и одржлив живот.

Во продолжение, разговаравме со Елена Весова Колоска креаторката зад брендот за да дознаеме како започнала нејзината приказна, што ја инспирира и како природата и традицијата ги обликуваат секојдневните креации:

Како започна приказната зад „Плетени приказни“ и „Дарови од природата“?

Приказната започна пред 10 години со нашата преселба од Скопје во село Луково. Се се случуваше спонтано, пред се од потребата за мир, слобода и живот во склоп со природата. “Плетени приказни и Дарови од природата“ се еден вид продолжение на мојот животен избор, да живеам едноставно, свесно и поврзано со земјата, руралното и традицијата.

Колку е важна природата во вашиот секојдневен живот и во создавањето на производите?

Природата освен што е моја инспирација, таа е мојот дом и моето секојдневие. Таа го диктира ритамот на работата, изборот на материјалите, боите па дури и моментот на инспирација кога нешто треба да се создава. Без неа овие производи не би постоеле, затоа што таа е основа на мојата работа и визија.

Што ве инспирира најмногу, шумата, планината, традицијата, луѓето околу вас?

Се заедно, но најмногу тишината на шумата и хармонијата во семејството. Како и појот на птиците во раните пролетни утра, зуењето на бубачките во топлите летни денови, боите на лисјата во прекрасната и шарена есен, паѓањето на снегулките во долгите бели зимски ноќи. Тоа ми дава длабочина и смисла во животот.

Како изгледа процесот на создавање една плетена изработка од идеја до финален производ?

Процесот започнува со чувство или потреба, а потоа продолжува со идеја, избор на материјал, боја и форма. Плетењето е процес што бара време, трпение, концентрација и присутност.

Што значи за вас да работите во мали серии или да создавате уникатни парчиња?

Тоа значи слобода, автентичност и големо уживање во процесот. Секое парче си има своја приказна и истото не е повторливо. Сето тоа буди во мене чувство на радост, исполнетост и неизмерна инспирација да продолжам понатаму.

pletena kukla-vividoshop  mandala-vividosop

Кои материјали најчесто ги користите и како ги избирате?

Во изработките користам природни, квалитетни и внимателно одбрани материјали, памук, волна и природни ткаенини. Изборот секогаш е внимателен и свесен за квалитетот и трајноста на материјалите.

Како ги избирате и подготвувате природните состојки што ги користите?

Природните состојки ги избирам, пред се, со почит кон природата, без нарушување на балансот и био диврзитетот на билките, набрани во вистинско време и од чистата околина на планината Јабланица. Истите се собираат и подготвуваат рачно со големо внимание и љубов следејќи традиционални и проверени методи.

melem-od-smil-vividoshop. liker-od-bagrem-vividoshop

Колку е важно зачувувањето на традиционалните знаења во вашата работа?

Тоа за мене е од исклучителна важност, затоа што е единствениот начин да се зачува врската со корените и традицијата, и да не се изгуби знаењето што природата ни го дарувала со векови наназад.

Кој производ има посебна приказна зад себе?

Сите производи си имаат своја приказна, и оние кои се создадени спонтано, водени од некое внатрешно чувство, но и оние кои се направени по нарачка, затоа што во нив се вплетени и приказните на луѓето. За мене сите производи се посебни и имаат важно место во моето срце.

Што за вас значи „одржлив начин на живеење“?

Да користиш онолку колку што ти е потребно, да создаваш без отпад, да живееш во рамнотежа и хармонија со природата, а истовремено да и враќаш со грижа, почит и благодарност.

Како ја гледате улогата на рачната изработка во денешниот брз свет?

Рачната изработка е потсетник дека вредноста не е во брзината и масовното бесцелно производство, туку во вниманието, инспирацијата и човечкиот допир во моментот на творење. Тоа е потсетник на древните времиња кога се е создавано со многу труд, пот, големо внимание и почит кон автентичното.

Кој беше најголемиот предизвик кога решивте оваа приказна да ја споделите пошироко?

Најголем предизвик беше да се излезе од приватноста и да се сподели нешто лично со светот, моето хоби и пасија да ги претворам во домашен фамилијарен бизнис, а да не го нарушам мирот и хармонијата во домот и природата.

Кој најчесто ги избира вашите производи и за какви прилики?

Луѓе кои чувствуваат потреба за автентичност, кои ја сакаат природата, сакаат подарок со смисла или нешто создадено со душа. Производите најчесто се бирани за прилики кои оставаат белег во срцата и незаборавни моменти во нивниот живот.

Каков е вашиот прв впечаток од тоа да бидете дел од Vividoshop?

Vividoshop го доживувам како простор каде постои разбирање, вреднување и поддржување на малите бизниси и локални креатори кои творат со душа и неизмерна посветеност.

Што значи за вас тоа што вашите производи се дел од платформа што ги поддржува локалните креатори?

Тоа за мене представува препознавање, охрабрување и чувство дека не си сам во творењето и дека автентичноста си има свое место и вредност.

Кои се вашите планови за понатаму?

Полека да ја развивам приказната и визијата, но без да се изгуби суштината на творењето. Да имам повеќе работилници, каде несебично ќе го споделувам своето знаење со идните генерации, а со тоа да допринесам за зачувување на традицијата, ракотворството и подигање на свесноста за природното, руралното и одржливиот начин на живот.

Која порака би сакале да ја испратите до луѓето што сакаат да живеат поблиску до природата?

Мојата порака кон луѓето е да веруваат во себе и во својот внатрешен порив, затоа што природата секогаш го покажува патот, само треба внимателно да се слуша што ни кажува срцето, а не умот. Да се има храброст да се направи првиот чекор, а мајката природа ќе ни го осветли патот кон целосна реаилизација на своите соништа и ќе ни даде одговор на прашањето - што е тоа што не прави вистински среќни и исполнети.

Ако вашата приказна имаше мирис, кој би бил и зошто?

Мирисот на шумата после летен дожд, затоа што тоа носи мир, длабочина и чувство дека си блиску до корените, исконското, а истовремено и надеж за повторно раѓање, нов почеток и бесконечен континуитет на креацијата.

„Плетени приказни“ и „Дарови од природата“ не се само производи, тие се дел од начин на живот, посветен на природата, традицијата и одржливоста. Со секое парче што го создаваат, се раскажува приказна за трудот, љубовта и инспирацијата што доаѓа од руралното живеење. 

Доколку сакате да внесете дел од оваа магија во вашиот дом или да подарите уникатен и внимателно изработен подарок, сите нивни производи можете да ги најдете во нивната онлајн продавница на Vividoshop: Плетени приказни / Дарови од природата

 

Назад кон блогот